ПОЧЕТОК И ПРВ МОДУЛ НА ШКОЛАТА ЗА КРИТИЧКО МИСЛЕЊЕ, ЧИТАЊЕ И ДЕБАТИРАЊЕ
Почитувани,
Здружение на граѓани „Контрапункт“, Скопје и Здружение на граѓани „Есперанца - Светски културен центар“ во рамките на проектот „Поттикнување култура за критичко мислење, пишување и дебатирање“ почнуваат со клучната проектна активност на проектот - „Школата за критичко мислење, читање и дебатирање“. Серијата предавања се одржува во јавниот простор на Агенцијата за сериозни интереси, на улица Ѓорѓи Пешков („Боемска улица“).
Би сакале најпрвин да потсетиме за потребата од формирањето на оваа критичка заедница.
Во Македонија сведочиме на целосно отсуство на стратешки обмислен социо-културен простор во кој би се промовирало и обликувало критичкото мислење кое е основа за развојот на одржлива политичка култура. Нашата цел е заеднички да креираме простор на концентрирана критичка граѓанска активност која ќе промовира поинаков концепт на политичка култура, граѓанско критичко дебатирање, мислење и пишување кое ќе ги акцентира вредностите на аргументативна артикулација и ќе придонесе кон граѓанската партиципативност и демократизацијата на јавната сфера. Итна е и потребата од создавање на мултидисциплинарен фокус и простор.
Во социо-културниот контекст каде што се случува целосна девастација на политичката култура и недостиг на дијалог внатре културните формации и различните културни идентитети и практики, нужно e формирањето на јадро кое критички ќе ги преиспитува можностите и границите за формирање на оние формати на комуникациски алатки и вредности кои ќе бидат база за понатамошни дискурзивни, но и оперативни, активистички, социо-културни и политички артикулации на и во јавната сфера.
Токму затоа ни е потребно образование за критичко мислење и дебатирање кое ќе се одвива во јасно артикулиран препознатлив контекст. Потребни се образовни алатки за критичко мислење, пишување и дебатирање, на теми од сферите кои се поврзани со артикулацијата на политичката култура во сите сегменти на општествотo, особено оние кои интерсекторски ги третираат човековите права и развојните современи социо-културни политики, слободата на говорот и развојот на критичките медиуми (аналитичката и критичката дебата речиси сосема изостануваат во постоечките медиуми), развојот на граѓанското општество како предуслов за пошироката демократизација на јавниот простор и јавната сфера.
Неопходно е сите овие сегменти да се обработуваат преку најразлични формати и модели на културна продукција која ќе укаже на тоа дека културата и политиката мораат да бидат проникнувачки и двигателни локомотиви во демократските процеси.
Школата има клучна цел да оствари видливо и суштествено влијание во девастираниот политички контекст, создавајќи релевантна критичка маса која потоа ќе врши трансфер на стекнатите знаења, а со тоа ќе врши влијание во политичкиот амбиент.
Се надеваме дека ова наше заедничко искуство во сферата на неформалното и самоорганизирaно образование ќе придонесе за создавање нова органска заедница која понатаму ќе продолжи да дејствува и да ги развива форматите на критичката аргументативна дебата.
Во првиот модул на Школата се одржуваат следните предавања. За основите на критичкото мислење, логичките основи на расудувањето предава професорот на Филозофскиот факултет, д-р Ана Димишковска. За клучни теории на критичкото мислење, за базичните елементи, вештини и диспозиции на критичкото мислење, граѓанскиот активист, м-р Жарко Трајаноски. За логички грешки збороруваат на Димишковска, и професорките на филолошкиот факултет, Мира Беќар и Елена Ончевска.
Критичко преиспитување на концептите „политичко“, „политика“, „политики“, „културно“, „култура/и“, „културна политика“, „политичка култура“ го прави исто така, граѓанскиот активист, Славчо Димитров.
„Поттикнување култура за критичко мислење, пишување и дебатирање“ е партнерски проект на Здружение на граѓани „Контрапункт“ – Скопје и Здружение на граѓани „Есперанца - Светски културен центар“, Скопје, кој се реализира со поддршка од страна наПроектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонијаи од страна на бизнисменот Трифун Костовски.
|