ОСНОВИ
Што е светска култура за нас?
Светската култура е отворен, разновиден, плурален, нехиерархизиран агрегат на културни практики, кои меѓусебно комуницираат преку структурирани или инцидентни, системски или програмски, хиерархизирани или субверзивни културни политики, економски случувања и општествени движења.
Зошто ни треба Светски културен центар?
Светски културни центри ни требаат за да бидат катализатори и поттикнувачи на процесите во светската култура, за да внесат визија, свест, етика и правичност во хаотичните процеси, да создадат поредоци на креација, смисла и надеж во идниот развој на планетата Земја, да внесат динамика во разбирањето на различните светски култури, да станат јадра на просветлување и јазли на отпор против монокултурата, национализмот, доминацијата, исклучувањето, себичноста, војната и крајот на светот.
ЗА ШТО СЕ ЗАЛАГАМЕ
Културна различност
Ја заживуваме Декларацијата за различност на УНЕСКО од 2001-та година:
„Културниот диверзитет е нужен за човештвото на истиот начин на кој био-диверзитетот и е значаен за природата”.
И тоа не само како нужен предуслов за економски развој туку за целосен духовен, интелектуален и културен раст. Ја спроведуваме стратегијата од Гетеборг: „Културната различност е четвртиот столб за одржлив развој”.
Културната различност, не само меѓу различните земји, туку и внатре во земјите, во заедниците, во самите нас. Културите, и во древните времиња, секогаш биле измешани, хетерогени, честопати потпрени на контрадикторни дискурси. Токму затоа не можат ниту да постојат авторитарни фигури, кои се дрзнуваат да зборуваат во име на целата култура.
Нациите, етносите, семејствата се општествени агрегати, симболички медиуми, орудија со кои луѓето меѓусебе комуницираат. Тие се еден од многуте можни начини преку кои луѓето се обединуваат за да ги остварат своите интереси. Тие се менуваат при радикални промени во општествено-политичките контексти во кои луѓето живеат. Останува формата - колективното членство во групата врз основа на индикативни културни критериуми како обичаи, јазик, самоименување, потекло.
Интеркултурна акција
Ние не толерираме, ние дејствуваме.
Толеранцијата е минимален концепт. Тоа е компромис со себичноста и доминацијата. Толеранцијата значи затворени, од бога дадени, еднаш засекогаш, неменливи идентитети.
Ние веруваме во отворени, менливи, прилагодливи идентитети и групи. Затоа ние се залагаме за интеркултурна акција - за љубопитство, интерес, загриженост за другиот, желба да се влезе во неговата позиција и да се разбере. И да се искуси нешто ново.
Светска култура за глобалната културна економија Ние ја признаваме глобалната културна економија. Ние го поздравуваме номадско свртување на историјата Не може да се запрат глобалните текови на капиталот, движењата во глобализираниот пазар на трудот, економската и културна размена и потрошувачка. Меѓудржавните и меѓународните трговски и индустриски зони се новите престојувалишта: аеродроми, шопинг центри, казина, бродови, нафтени платформи, меѓународни организации.
Ја прифаќаме дијагнозата на Арџун Ападураи. Светот станува измешан, сложен, комплициран. Границите и старите суверенитети се бришат. Владејат теоријата на хаосот, теоријата на сложените системи и ефектот на пеперутката.
Ние ја гледаме немоќта на националната држава да ги реши сложените културни форми над нејзината традиционална поставеност. Државата не може да предвиди каде и како ќе се формираат одредени заедници и какви културни навики тие ќе имаат. Државата не може да го гарантира моралното кредо на групите или заедниците. Но ние не мислиме дека лекот за таквата ситуација е платформата на Хантингтон. Не мислиме дека војната, контролата, доминацијата и монокултурата се решение за растечката културна и општествена различност.
Ние сметаме дека светската култура може да ја преземе улогата на авангарда на општествените формации. Со својата иновативност, креативност, отвореност, автономност и критичност светската култура може да понуди решенија за глобализацијата.
ПРИНЦИПИ НА СВЕТСКАТА КУЛТУРНА АКЦИЈА
Солидарност
Културата треба да ја збогати демократијата, давајќи им на сите еднаков пристап до културните добра. Културата е можност за општествена кохезија и интеграција на различните социјални, етнички и други малцински и загрозени групи.
Затоа ние во нашите културни акции и проекти на прво место ги ставаме различните, обесправените, маргинилизираните. Но не ги гетоизираме. Создаваме амбиент на комуникација меѓу мнозинството и малцинството, меѓу привилегираните и обесправените. Создаваме шанса за дијалог и позитивна акција.
Креативност и критичност
На граѓаните им овозможуваме да ја развиваат својата креативност, но и слободното и критичкото мислење. Се бориме да се создаде плуралност и диверзитет зашто тоа води до најголемата демократска придобивка - ангажирно, критичко и креативно граѓанство.
Активизам
Во поларизираниот свет, кога меѓународните интервенции, терористичките акции, диктаторските репресии, економските узурпации се на маса, не смееме да бидеме рамнодушни. Мора да го дигаме гласот. Јасно да ги изразиме ставот и позициите. Демократијата мора да е силна, да излезе од комодитетот на институциите и административните лавиринти.
Индивидуализам
Се залагаме за солидарност, еднаквост и правда но само преку силен и индивидуализираниот граѓанин. Само индивидуализираниот дух може да се спротистави на колективистичките еуфории, хајки и насилства. Силни индивидуи отворени кон различно мислење, кон новини, кон повеќе алтернативи.
МЕТОДИ
трансверзала, мултилатерала, партиципатива
Ние сме против застарени концепти на гостувања и размена, или проблематичните неолиберални идеи на културно брендирање. Ние сме против националната култура сфатена како еманација на затворени и дефинирани културни идентитети и вредности кои државата си зема задача да му ги презентира на светот.
Ја подржуваме методологијата на Европскиот институт за прогресивни културни политики, со седиште во Австрија. Се залагаме за културна политика различна од досегашната: културна политика која нема да се базира само на размена и соработка меѓу националните култури и дејци, туку култура која ќе биде трансверзална, мултилатерална, партиципативна, која што ќе го шири демократскиот јавен простор низ светот, ќе создаде еднакви шанси меѓу големите и малите, меѓу сиромашните и развиените. Во овој концепт културата нема да се базира на претпоставни затворени национални или други идентитети, туку ќе претставува динамизам на разлики, кои се секогаш отворени за преговарање и кои не се плашат и не плашат со нивниот капацитет за конфликтност. Ние сме за продлабочени контакти, меѓународни тимови, заеднички проекти, страст, вистинско запознавање и размена.
Глокалност
Ние ги искористуваме сите капацитети на денешницата. Максимално го употребуваме интернет, и разните форми на комуникација и виртуелност. Ние работиме герилски, посветено и од секаде. Институционалноста ја користиме само како еден од методите за постигнување на целите. Но ние мора да создадеме локалност. Затоа што сакаме да влијаеме ида ги менуваме нашите реални животи и опкружувања. Нашата планета е реална.Нашите животи се реални. Нашите надежи и страдања се реални. Болката и радоста ги чувствуваме.
Затоа ние го создаваме првиот светски културен центар во Скопје. Како што светскиот трговски центар е глокалност, симбол на смисла, уреденост и поврзаност преку униформност, стандардизација и брендирање, така и светскиот културен центар е глокалност, место на акција, култура, смисла, поредок, надеж преку различност, отвореност, хетерономност.
Светскиот трговски центар е наш поетички антипод. Врз неговиот реален глобалистички фон ние создаваме културна алтернатива.
Невкоренетост
Заради чувството за локалниот контекст ние одбравме да дејствуваме хоризонтално, според концептот на Чарлс Лендри. Силно се спротиставуваме на создавањето нова културна инфраструктура. Во услови кога музеите, националните опери, театрите се огромни простори кои се распаѓаат и претставуваат товар на сите, идејата да се градат нови е лудило. Ние наоѓаме спас во “хоризонталното” искористување на институциите. Сакаме нашите идеи, методи и програми да се разменат во просторите на овие знаменити институции.
|
|
 |
|
|